За спортските игри

Владата на Република Македонија посветува големо внимание на перспективите на училишниот спорт,  имајќи го предвид неговото стратешко значење за развојот на целокупниот спорт, придонесот за антрополошкиот развој на младата популација и позитивната улога во борбата против пороците.

 

Во 2010 година, Министерството за образование и наука, Агенцијата за млади и спорт и Федерацијата на училишен спорт на Македонија започнаа со реализацијата на “Спортски игри“ преку организирање општински, регионални и државни спортски натпревари за учениците од основното и средното образование во машка и женска категорија и организирање на училишен спортски камп со најдобрите ученици од државните натпревари, со присуство на познати спортисти и тренери од Република Македонија.

 

Во текот на досегашната имплементација, заедничките залагања на партнерите резултираа со зголемување на учеството на основните и средните училишта во спортските игри, односно зголемување на бројот на ученици кои учествуваат во училишниот спорт.

 

Спортските игри продолжуваат и во 2014 година, во којашто се усвоени и Програмата за зголемување на нивото на вклученост на учениците во системот на натпревари и спортски активности од училишниот спорт, со Акциски план 2014-2016 година. Целта на овие два стратешки документи е надградување на организацискиот систем во училишниот спорт и формирање на нови училишни спортски клубови, со што во иднина би се опфатиле повеќе од 100.000 ученици од вкупниот број на ученици во Република Македонија.